Thursday, December 12, 2013

Каде е бунарот? (Колумна, Нова Македонија, 21 април 2011)

Како да почнам а да не згрешам? Што да напишам после скоро 20 месеци апстиненција од општествен живот? Што да биде првото? Дали за економијата? Дали за образованието? Дали за името наше свето? Или пак ми текна J
После долго размислување решив моето прво јавно обраќање после скоро 20 месеци да го започнам со една интересна приказна која мојот дедо одамна му ја кажал на мојот татко, а тој мене ми ја кажа неодамна!
Еднаш одамна си биле две Кралства кои биле во војна веќе подолг период, но само војувале, де жртви на едната страна, де жртви на другата страна, но никој никако да победи. Силите им биле скоро изедначени. Така еден ден едниот крал решил да најде било каков начин да го победи другиот крал. Ги собрал своите советници и им наредил да одат по кралството да ги прашаат сите мудреци како да го победат другиот крал. Така тргнале советниците низ кралството и барајќи ги мудреците еден по еден налетале на најстариот од нив. Му кажале што мака имаат и тој им дал совет. Така советниците среќни тргнале кон најблиската планина и го нашке врачот за кој им зборувал мудрецот. Му објасниле што е работата и врачот се согласил да им помогне. Сите среќни тргнале кон замокот на Кралот. На Кралот му кажале дека имаат решение за проблемот и го оставиле врачот да му објасни.
Почнал да му објаснува врачот на Кралот дека донел специјален прашок со кој треба да се посипат сите бунари во соседното кралство, освен бунарот од кој пие вода другиот Крал, Кралицата, неговите советници и нивните слуги бидејќи тој бил во замокот и неможело да се стигне до него. Тогаш Кралот реагирал и му кажал на врачот дека несака да ги отруе генералите и војниците од другото кралство и така на нечесен начин да победи. Тогаш врачот му објаснил дека со тој прашок нема да ги отруе војниците и генералите од другото кралство, него со него ти ќе полудат и ќе прават спротивно од она што им го кажува нивниот Крал. Тогаш Кралот се согласил и ги пуштил своите најверни слуги во текот на вечерта да ја завршат задачата. И тоа се случило сите бунари од соседното кралство биле посипани со прашокот освен бунарот во кралскиот дворец.
Другиот ден непосредно пред да почне битката Кралот од другото кралство им наредува на генералите да одат во напад, тие се повлекуваат во одбрана. Им наредува да се позиционираат лево, тие сите одат десно. И така никој не го слушал Кралот, правеле се спротивно, баш онака како што рекол врачот. Во меѓувреме еден од слугите на Кралицата бил жеден и се напил од блискиот бунар, наеднаш и тој почнал да се однесува како и сите останата, да прави се спротивно.
Го забележала Кралицата тоа и му вика на Кралот: Ваше височество нешто не е во ред со водата што ја пијат нашите поданици, види го мојот слуга се напи од овој бунар и почна чудно да се однесува. Тогаш Кралот ја прашува: Добро Кралице што да правиме? Кралицата: Епа нема друго освен и ние да се напиеме од најблискиот бунар за да можеме да се разбериме со нив. И тоа го направиле!

Така да драги мои после 27 години живот во нашава бивша, а сепак сегашна татковина. После нешто повеќе од 11 години општествено-политички активности. После многу поминати километри низ татковината и многу преседени часови по состаноци, кафани, кафичи итн. најпосле ми станаа јасни некои работи. Приказната што мојот татко ми ја раскажа беше доволен повод да седнам и да размислам за некои работи и најпосле КАДЕ Е БУНАРОТ И ЈАС ДА СЕ НАПИЈАМ ОД ВОДАТА!