Ристо Малчески е
универзитетски професор, доктор на математички науки. Како најдобар студент во
генерацијата дипломирал на Математичкиот факултет во Скопје, а подоцна
магистрирал и докторирал. Од него можност да учат имале неколку генерации на
Природно-математичкиот факултет во Скопје, а веќе со години им предава и на
студентите на приватниот универзитет ФОН, по предметите математика за бизнис и
статистика за бизнис.
Со неговото име се
потпишани триесетина универзитетски учебници и учебници за средно и основно
образование, како и десетици научни трудови и статии. Во момент кога многумина
негови колеги тивко го критикуваат екстерното оценување во основното и во средното
образование, тој аргументирано и во детали го разобличува циркусот, кој, според
него, е само дел од рашомонијадата на македонскиот образовен систем.