Monday, November 10, 2014

Екстерното оценување е научен фалсификат! Интервју со проф. д-р Ристо Малчески

Ристо Малчески е универзитетски професор, доктор на математички науки. Како најдобар студент во генерацијата дипломирал на Математичкиот факултет во Скопје, а подоцна магистрирал и докторирал. Од него можност да учат имале неколку генерации на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а веќе со години им предава и на студентите на приватниот универзитет ФОН, по предметите математика за бизнис и статистика за бизнис.

Со неговото име се потпишани триесетина универзитетски учебници и учебници за средно и основно образование, како и десетици научни трудови и статии. Во момент кога многумина негови колеги тивко го критикуваат екстерното оценување во основното и во средното образование, тој аргументирано и во детали го разобличува циркусот, кој, според него, е само дел од рашомонијадата на македонскиот образовен систем.