Thursday, April 3, 2014

збор, два за реформите во високото образование...

СТРУКТУРАТА НА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, ПРЕДУСЛОВ ЗА РАЗВОЈ НА ЕКОНОМИЈА БАЗИРАНА НА ЗНАЕЊЕ


Вовед

Во последните дваесетина години светот на бизнисот интелектуалниот капитал го препознава како ресурс. Но, што е тоа интелектуален капитал? Најопшто земено, под интелектуален капитал се подразбира се она што е “недо­пирли­во” и ”невидливо”, а со чија помош може да се креира вредност. Оттука, може да се каже дека интелектуалниот капитал ги вклучува информациите и знаењето, кои се содржани во базите податоци, информационите системи, патентите, процесите, авторските права, процесите, авторските права, деловните договори и знаењето и информациите кои ги имаат вработените. Како што може да се види, интелектуалниот капитал има хетерогена структура, па оттука и неговата подел­ба во три релативно хомогени групи, и тоа:
-       човечки капитал или  интелектуални вештини, кој ги опфаќа искуството, вештините и способностите, односно компетенциите на луѓето, способностите за менаџирање и учење,
-       структурен или интерен капитал, кој ги опфаќа базите податоци, информационите системи, патентите, пазарните марки, авторските права, деловните процеси, инфраструктурата и културата на работење, и
-       екстерен или пазарен капитал, кој вклучува вредноста на лиценците, франшизите и пазарните марки, лојалноста на потрошувачите и слично. 
Значењето на интелектуалниот капитал може да се согледа од следниве два примера:
а) во 2000 година пазарната вредност на Microsoft изнесувала 500 милијарди долари, од кои само една милијарда долари била вредноста на недвижниот имот1), и
б) во 2000 година пазарната вредност на NOKIA изнесувала 190 милијарди долари, од кои само 11 милијарди долари била вредноста на недвижниот имот2),
а слична е состојбата и со водечките светски компании, како што се Coca Cola, General electric и McDonald. Меѓутоа, на национално ниво уште подрастична е состојбата ако се споредат Австралија и Сингапур. Имено, во периодот од 1986 до 1998 година бруто националниот доход (per capita) на Австралија, земја која е исклучително богата со ресурси, се движел околу 20000 US$, а додека во истиот период во Сингапур, земја која нема други ресурси освен своите 3,5 милиони жители, бруто националниот доход (per capita) пораснал од околу 7000 на скоро 23000 US$.
Имајќи го предвид претходно изнесеното, неопходно е Република Македонија што поскоро да изврши проценка на националниот интелектуален капитал. За таа цел може да се искористи, на пример, методологијата на Светска банка, која има за цел да се идентификуваат проблемите и можностите со кои земјата се соочува, за да потоа посебно внимание се обрне на идентификуваните области, каде треба и да се насочат новите инвестиции. Согласно оваа методологија, посебно внимание се обрнува на четири области, кои се сметаат за критични за земјите во развој, и тоа: економскиот и институционалниот режим (капацитет на земјата), информационата инфраструктура, образованието и едукацијата и иновативноста.

 ИНДУСТРИСКАТА ЕРА ПРЕМИНУВА ВО ЕРА НА ЗНАЕЊЕ

Примерот на Сингапур, како и примерите на некои од водечките светски компании недвосмислено укажуваат на динамичната транзиција од таканаречената индустриска ера во ера на знаење, при што информатичката ера треба да се сфати само како меѓу чекор во овој премин. Во оваа насока се менува и нашето опкружување, што значи дека капиталот, машините и работната сила, кои беа основа на индустриската ера, во ерата на знаење, т.е. во економијата базирана на знаење неминовно својата улога им ја препуштаат на луѓето, знаењето и новите технологии3). Ова, само по себе, ја менува и филозофијата на водење на бизнисот, која промена повеќето автори ја сублимираат во промена на групата индикатори дадени во табела 1. 
Табела 1. Промена на некои индикатори при премин од индустриската ера во ерата на знаење
Индустриска ера
Ера на знаење
Пазарната вредност на компанијата е определена со видливиот имот.
Пазарната вредност на компанијата е определена со видливиот и невидливиот имот.
Основниот вид на добивка е опиплив (пари, материјални добра и слично).
Основниот вид на добивка е невидлив (учење, нови идеи, нови корисници и слично).
Производството е дејност на мануелниот работник”, при што физичкиот ресурс се трансформира во материјално добро.
Производството е конверзија на знаењето, при што работникот на знаење” креира услуги.
Производните текови се извршуваат со машини и истите се секвенцијални и последователни.
Производните текови се базираат на знаење и идеи и навидум се хаотични.
Парите и вештините се тесно грло во производството.
Времето и знаењето се тесно грло во производството.
Менаџерот е супервизор и субординатор.
Менаџерот дава поддршка и го хармонизира работењето на тимот.
Моќта на менаџерот зависи од местото кое го има во организациската хиерархија.
Моќта на менаџерот зависи од нивото на знаењата и умеењата кои ги поседува.
Информациите се инструмент за контрола.
Информациите се капитал и средство за комуникација.
Информациите контролирано протекуваат низ организационата хиерархија.
Информациите слободно се движат низ колегијалната мрежа.
Знаењето е алатка или поединечен ресурс.
Знаењето е основа на бизнисот.
Смислата на учењето е неговата непосредна примена или создавање нова алатка.
Смислата на учењето е создавање профит. 
На вработените се гледа како на трошок или како на ресурс.
На вработените се гледа како на имот кој генерира профит.
Конфликтите се јавуваат на релација мануелен работник” – сопственик.
Конфликтите се јавуваат на релација “работник на знаење” – менаџер.

Од претходно изнесеното може да се заклучи дека4):
-          центарот на општествената моќ се повеќе ќе мигрира од машинското – фабричкото производство кон образовните и научните информациони системи, и
-          во иднина бруто домашниот производ се повеќе ќе се создава во образовната индустрија.

Притоа, насочувањето на општествената репродукција кон знаењето има за цел да се обезбеди удвојување на бруто домашниот производ на секои 9 – 12 години, за што во индустриската ера биле потребни 15 – 18 години. Меѓутоа, преструктуирањето на општествената репродукција кон знаењето не е можно без сериозна реформа на образовниот систем, а посебно на високото образование. Во оваа насока се и бројните анализи на UNESCO, во кои недвосмислено се укажува дека според сегашната стапка на нови научни сознанија квантумот на знаења во моментот кога детето се раѓа ќе се зголеми за четири пати до моментот кога тоа ќе заврши факултет. Понатаму, во моментот кога детето ќе наполни 50 години, вкупниот квантум на знаења, споредено со моментот на раѓање, ќе се зголеми за 62 пати, а 97% од знаењата во тој момент ќе бидат откриени после неговото раѓање.

Иако, на прв поглед изгледа неверојатно дека човештвото на долг рок може нови знаења да генерира со ваква динамика, сепак дури стапките и да се двојно помали, повеќе од јасно е дека сегашниот концепт на образовниот систем не може да опстане на долг временски рок. Оттука, логично се наметнува прашање: Во која насока треба да се движи образовниот систем во целина, а посебно високото образование, се со цел тоа успешно да одговори на предизвиците кои ги наметнува новото време?  Сеопфатната анализа на високото образование, од која треба да произлезе одговорот на претходното прашање, подразбира проучување на структурата на високообразовниот систем по научни подрачја, полиња и области, проучување на студиските програми, применливоста на стекнатите знаења од страна на студентите, способ­носта за нивно вклучување во научно - истражувачка работа и слично. Јасно, за ова е потребно многу време, простор и ресурси, па затоа во следните разгледувања анализирајќи ја структурата на високото образование во Р. Македонија, како и некои излезни параметри ќе се обидеме да согледаме колку истото може да одговори на предизви­ците на новото време.

СОСТОЈБИ ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Како што веќе рековме, сеопфатната анализа на високото образование подразбира проучување на структурата на високообразовниот систем по научни подрачја, полиња и области, проучување на студиските програми, применливоста на стекнатите знаења од страна на студентите, способноста за нивно вклучување во научно - истражувачка работа и слично. Во следните разгледувања, ќе се задржиме на некои од овие елементи, при што за да ја согледаме динамиката на промените во високото образование во Р. Македонија ќе разгледуваме релевантни податоци за академските 1998/99, 2002/03, 2006/07 и 2010/11 години. Притоа, на периодот пред 1998 година нема да се задржиме, бидејќи иако од 1991 година македонското општество е во една долготрајна транзиција, сепак од неразбирливи причини, ако се исклучат незначителните промени на одделни студиски програми, високото образование во Р. Македонија се до почетокот на 21. век се наоѓаше во една неприродна летаргична состојба. Последното може да се види и од табела 1, во која се содржани податоците за бројот на високообразовните установи според научни подрачја. Како што можеме да забележиме, структурата на високообразовниот систем значително се менува почнувајќи од академската 2006/07 година, во која во споредба со академската 2002/03 година функционирале нови 14 високообразовни институции, за да во академската 2010/11 година овој број се зголеми за дури 78 факултети. Од податоците во табела 2 може да се види дека не само што бројот на високообразовни установи (ВОУ) за само 8 години се зголемил од 30 на 122, туку и дека во значителна мера е нарушена структурата на високообразовни установи по научни области. Имено, ако во областа на природно – математичките и техничко – технолошките науки во академската 2002/03 година имало ВОУ, во академската тој број се зголемил на 27 и на прв поглед изгледа дека нема ништо необично. Меѓутоа, ако се земе предвид дека од овие 27 ВСО дури 16 се во областа на информатичките науки, тогаш станува јасно дека имаме дисбаланс во развојот на високото образование во Р. Македонија, кој е уште поочигледен ако се земе предвид дека за само осум години учеството на ВОУ од областа на општествените и хуманистичките науки е зголемено од 46,6% на 83,4%, состојба која е незамислива за земјите членки на Европската унија.
Табела 2. Високообразовни установи по академски години според научни подрачја во Р. Македонија
Научно
подрачје
Природно – математички науки и
Техничко – технолошки науки
Медицински науки и здравство
Биотехнички науки
Општествени науки
Хуманистички науки
1998/99
8
4
4
7
7
2002/03
8
4
4
7
7
2006/07
11
4
4
16
9
2010/11
27
6
6
63
20
Извор. Статистички годишник на Република Македонија

Констатираната состојба за бројот на ВОУ во Р. Македонија, несразмерната застапенот на општестве­ните и хуманистичките визави останатите науки во целост се отсликува и во делот на студиските програми. Имено, од податоците дадени во табела 3 може да се види, дека од вкупно 478 студиски програми застапени на ВОУ дури 271 или 56,7% се од областа на општествените и хуманистичките науки, а додека на ВОУ од областа на биотехничките науки имаме само 26 студиски програми, што претставува учество од само 5,4%, податок кој говори сам за себе.

Табела 3. Студиски програми според научни подрачја на високообразовните установи во Р. Македонија
Научно
подрачје
Природно – математички науки
Техничко – технолошки науки
Медицински науки и здравство
Биотехнички науки
Општествени науки
Хуманистички науки
Број
46
107
28
26
145
126
Извор. Веб страници на акредитираните високообразовни установи во Р. Македонија, посетено на 10.03.2012 год.



Во табела 4, за разгледуваниот период, се презентирани податоците за бројот на наставниците по научни подрачја на ВОУ во Р. Македонија, а додека истите податоци за бројот на соработниците се дадени во табела 5. Иако бројките сами за себе говорат, сепак да забележиме дека зголемувањето на бројот на наставниците и соработниците не го следи зголемувањето на бројот ВОУ во Р. Македонија. Така, на пример, ако во академската 2002/03 година наставата на 30 ВОУ ја реализирале 1539 наставници и 1136 соработници или просечно по 51 наставник и 38 соработници по ВОУ, а во академската 2010/11 година наставата на 122 ВОУ ја реализирале 2319 наставници и 1588 соработници или просечно по 19 наставници и 13 соработници по ВОУ. Како што гледаме и според овој показател имаме негативни тенденции во високото образование. Меѓутоа, состојбата е алармантна, што може да се види од фактот дека во областа на општестве­ните науки во учебната 2002/03 на 7 ВОУ наставата ја реализирале 329 наставници и 105 соработници или просечно 47 наставници и 15 соработници, за да во учебната 2010/11 година на 63 ВОУ наставата ја реализираат 790 наставници и 523 соработници или просечно 13 наставници и 8 соработници. 

Табела 4. Наставници според научни подрачја на високообразовните установи во Р. Македонија
Научно
подрачје
Природно – математички науки
Техничко – технолошки науки
Медицински науки и здравство
Биотехнички науки
Општествени науки
Хуманистички науки
1998/99
103
315
278
129
307
251
2002/03
109
393
321
148
329
239
2006/07
114
370
313
157
422
314
2010/11
154
449
363
135
790
428
Извор. Статистички годишник на Република Македонија

За да добиеме поцелосна и пореална слика за состојбата со кадар на ВОУ во Р. Македонија ќе ги анализираме податоците од табелите 3 и 5. Како што можеме да видиме во академската 2010/11 година 154 наставници и 59 соработ­ници реализирале 46 наставни програми од областа на природно – математичките науки, што во просек е помалку од 5 наставници и соработници по студиска програма. Понатаму, кај техничко – технолошките науки имаме помалку од 7 наставници и соработници по студиска програма, кај медицинските науки и здравство приближно 29 наставници и сора­ботници по студиска програма, кај биотехничките науки помалку од 8 наставници и соработници по студиска програма, кај општествените науки 9 наставници и соработници по студиска програма и кај хуманистичките науки незначително над 5 наставници и соработници по студиска програма. Се чини дека освен во подрачјето на медицинските науки и здравството, во сите останати научни подрачја состојбата е алармантна. Но, и кај медицинските науки и здравството состојбата со кадар кој ја реализира наставата е повеќе од загрижувачка, бидејќи на од 363 наставници и 454 сора­ботници кои ја реализираат наставата 227 наставници и 337 соработници се вработени на Медицинскиот факултет во Скопје и тие реализираат 5 студиски програми, а останатите 23 студиски програми ги реализираат 136 наставници и 117 соработници или приближно 6 наставници и 5 соработници по програма. Претходните податоци се повеќе од загрижувачки, бидејќи и покрај законската обврска двата најстари и најголеми универзитети во Р. Македонија се далеку од интегрирани, па оттука може да се заклучи дека студиска програма со 36 – 50 задолжителни и изборни предмети најчесто се реализира од 5 наставници и 3 соработници, што можеби е во рамките на законот, но нема никаква образовна и научна оправданост.

Табела 5. Соработници според научни подрачја на високообразовните установи во Р. Македонија
Научно
подрачје
Природно – математички науки
Техничко – технолошки науки
Медицински науки и здравство
Биотехнички науки
Општествени науки
Хуманистички науки
1998/99
87
221
621
66
115
148
2002/03
88
209
528
54
105
152
2006/07
47
212
366
55
213
144
2010/11
59
248
454
61
523
243
Извор. Статистички годишник на Република Македонија

Табела 6. Студенти по научни подрачја на високообразовните установи во Р. Македонија во 2010 
Научно
подрачје
Природно – математички науки
Техничко – технолошки науки
Медицински науки и здравство
Биотехнички науки
Општествени науки
Хуманистички науки
1998/99
2662
8828
3025
2715
12002
5909
2002/03
2859
9614
3705
3067
17789
8590
2006/07
2626
11298
4588
3059
25650
9760
2010/11
2915
11064
5175
2845
26619
8912
Извор. Статистички годишник на Република Македонија

Покрај досега разгледаните показатели, ќе се осврнеме и на структурата на студентите по научни подрачја на ВОУ во Р. Македонија. Од податоците во табела 6 може да се види дека во од академската 1998/99 до академската 2002/03 година вкупниот број на студенти на ВОУ во Р. Македонија се зголемил од 35141 на 45624, а додека до академската 2006/07 година тој број се зголемил на 56981 студент, кои студирале на 44 високообразовни установи. Меѓутоа, иако во следните четири години се отворени дури 78 нови ВОУ, сепак вкупниот број на студенти изнесувал 57530, што значи дека тој се зголемил за само 549 студенти. Според тоа, промените кои се случуваат во високото обра­зование во Р. Македонија од академската 2006/07 до академската 2010/11 година вкупниот број на студенти на ВОУ го зголемиле за помалку од 1%, што укажува дека максимално можниот број на студенти на ВОУ веќе бил постигнат уште во академската 2006/07 година. Понатаму, во академската 1998/99 година наставата ја реализирале 1383 наставници и 1258 соработници, што значи 25 студенти по наставник и 28 студенти по соработник, а во академската 2010/11 година наставата ја реализирале 2319 наставници и 1588 соработници, што значи 25 студенти по наставник и 36 студенти по соработник. Како што можеме да видиме, според овој податок масовното отворање на нови ВОУ не само што не ја подобрило состојбата, туку во последните дванаесет година во однос на просечниот број на студенти по соработник состојбата драстично се влошила.
Од друга страна, забележителна е и промената на бројот на студентите по научни подрачја. Имено, во ако во академската 1998/99 година општествени и хуманитарни науки студирале 17911 студент или 50,97% од вкупниот број на студенти, во 2002/03 година овој број е 26379 студенти или 57,82%, во 2006/07 година е 35410 студенти или 62,14%, а во 2010/11 година истиот изнесува 35531 студент или 61,76%. Ваквата тенденција треба да алармира образовните автори­тети и надлежните институции и истите мора час поскоро да преземат адекватни мерки. Имено, беспредметно е од една страна да се води кампања со која идните академски граѓани се поттикнуваат да студираат природно – математички, техничко – технолошки и биотехнички науки, а од друга страна квотите за упис на ВОУ од општествените науки да се препишуваат од година во година.
Претходните разгледувања ни даваат за право да заклучиме дека констатираните соодноси во најмала рака се рефлектираат и на излезот од високото образование во Р. Македонија. Но, да ги разгледаме податоците дадени во табела 7. Како што можеме да видиме во академската 1998/99 година на ВОУ вкупно дипломирале 2932 сту­денти, во академската 2002/03 година дипломирале 3618 студенти, во академската 2006/07 дипломирале 6173 студенти, за да во академската 2010/11 година дипломирале 9855 студенти. Што се однесува до структурата на дипломираните студенти ќе забележиме дека во академската 1998/99 година на општествените и хуманистичките науки дипломирале 1332 студенти или 45,43%, во 2002/03 дипломирале 2127 студенти или 58,78%, во 2006/07 дипломирале 3931 или 63,68%, за да во 2010/11 дипломираат 6521 студент или 66,17%, податок кој е уште поголема причина за загриженост и кој треба да го мобилизира општеството во целина. Имено, во претходните разгледувања видовме дека по сите разгледувани пара­метри високото образование во Р. Македонија се движи по надолна линија, но како што гледаме во континуитет расте бројот на дипломираните студенти, а и учеството на студентите од општествените и хуманистичките науки во вкупниот број дипломирани студенти. Ваквата состојба недвосмислено укажува на драстичниот пад на квалитетот на високото образование, што е само продолжение на падот на севкупниот образовен систем, кој е констатиран со истражувањата на повеќе меѓународни организации.


Табела 7. Дипломирани студенти по научни подрачја на високообразовните установи во Р. Македонија
Научно
подрачје
Природно – математички науки
Техничко – технолошки науки
Медицински науки и здравство
Биотехнички науки
Општествени науки
Хуманистички науки
1998/99
246
851
300
203
951
381
2002/03
246
644
421
180
1341
786
2006/07
365
902
624
351
2393
1538
2010/11
441
1589
989
315
4599
1922
Извор. Статистички годишник на Република Македонија

На податоците презентирани во табелите 8 и 9 нема посебно да се задржуваме, но само ќе забележиме дека неприродно е за само бројот на лицата кои магистрирале од 399 во периодот од 1999-2002 година да се зголеми на 1319 во периодот од 2007-2010 година, при што учеството на општествените и хуманистичките науки повторно се зголемило од 35,84% на 73,09%. Слична е и состојбата со лицата кои докторирале, каде нивниот број од 199 во периодот од 1999-2002 година пораснал на 445 во периодот од 2007-2010 година, при што учеството на општествените и хуманистичките науки повторно се зголемило од 39,70% на 59,32%, што повторно може да се протолкува само со падот на квалитетот на образовниот систем. 

Табела 8. Магистрирале по научни подрачја на високообразовните установи во Р. Македонија*)
Научно
подрачје
Природно – математички науки
Техничко – технолошки науки
Медицински науки и здравство
Биотехнички науки
Општествени науки
Хуманистички науки
1999-2002
61
131
24
40
70
73
2003-2006
67
119
36
15
198
105
2007-2010
135
231
61
28
727
237
Извор. Статистички годишник на Република Македонија
              *) Во податоците не е вклучен бројот на лицата кои магистрирале на Правниот факултет при УКИМ во
                 Скопје, не постои податок во Статистичкиот годишник

Табела 9. Докторирале по научни подрачја на високообразовните установи во Р. Македонија*)
Научно
подрачје
Природно – математички науки
Техничко – технолошки науки
Медицински науки и здравство
Биотехнички науки
Општествени науки
Хуманистички науки
1999-2002
46
50
14
10
48
31
2003-2006
40
50
64
17
82
50
2007-2010
45
44
77
15
170
94
Извор. Статистички годишник на Република Македонија
              *) Во податоците не е вклучен бројот на лицата кои докторирале на Правниот факултет при УКИМ во
                 Скопје, не постои податок во Статистичкиот годишник

Ваквата состојба во високото образование, односно евидентниот дисбаланс во застапеноста на научните подрачја неминовно се одразува на состојбата на пазарот на трудот. Имено, како што може да се види од презентираните податоци во табела 10, според кои на 31.08.2011 година од вкупно 21639 невработени лица со високо образование дури 14853 или 69,64% се од општествените и хуманистичките науки. Слична е состојбата и со невработените магистри на науки, каде од 409 невработени дури 315 или 77,02% се од овие две научни подрачја. Нешто подобра е состојбата со невработените доктори на науки, но тоа е само привремено, бидејќи поголемиот дел од близу 475 доктори на науки кои докторирале изминативе 12 години на овие научни се вработени на новоотворените соодветни 69 ВОУ. 

Табела 10. Невработени со високо образование, магистри и доктори на науки по научни подрачја, на ден 31.08.2011
Научно
подрачје
Природно – математички науки
Техничко – технолошки науки
Медицински науки и здравство
Биотехнички науки
Општествени науки
Хуманистички науки
Дипломирани
1274
3150
1221
1141
9638
5215
М-р на науки 
24
39
16
15
255
60
Д-р на науки
2
3
9
4
5
-
Извор. Необјавен извештај на Државната агенција за вработување на Р. Македонија

ЗАКЛУЧОК

Високото образование е комплексен систем, за кој тешко може да се определи која е идеалната застапеност на одделните научни подрачја. Меѓутоа, имајќи ги предвид претходните разгледувања, не е тешко да се заклучи дека високото образование се јавува како една од непремостивите пречки во преминот на Р. Македонија од индустриската ера во ерата на знаења. Во прилог на изнесената констатација одат следниве неспорни моменти:
-        несоодветната застапеност на научните подрачја негативно влијае на пазарот на трудот, при што распо­ложливите кадри со високо образование не можат значајно да го променат ниту човешкиот, ниту структур­ниот капитал на компаниите, туку можат само да придонесат за натамошно неодмерено користење на ли­ценци и франшизи,
-             и покрај вложувањата за техничко – технолошко опремување на ВОУ, сепак структурата на високото обра­зование, кадровската опременост и структурата на постојните студенти според научни подрачја ни дава за право за заклучиме дека во догледно време образовните и научните информациони системи нема да бидат центар на општествената моќ во Р. Македонија и дека и натаму скоро целиот бруто домашен производ ќе се создава надвор од образовната индустрија.
Оттука, потребно е во најскоро време да се отпочне со вистинска реформа на високото образование, реформа со која на­место козметичките промени ќе се извршат структурни промени, кои се неопходни за да Р. Македонија уште долг вре­менски период не остане надвор од светските економски текови. Во оваа насока, потребно е темелно преиспитување на мрежата на високото образование, активност во која надлежните државни и стручни институции најпрво ригорозно ќе ја спроведат постојната законска регулатива, а потоа во процесот на акредитација и евалуација сериозно ќе пристапат кон анализа на дејноста на секоја ВОУ одделно.

ФУСНОТИ
1) Housel, T.: Knowledge Management, UCLA, 2000
2) Sveiby, K. E.: Measuring Intangible Assets - An Emerging Standard,in Morey, Maybury & Thuraisingham (eds) Knowledge Management - Classic and contemporary Works, MIT Press 2000.
3) Tissen, R. et. all: The knowledge dividend: Creating high performance companies through value-based knowledge management, ASEE Books, 2006

4) Tissen, R. et. all: The knowledge dividend: Creating high performance companies through value-based knowledge management, ASEE Books, 2006

Автори:
Д-р Ристо Малчески
Д-р Самоил Малчески