Monday, April 7, 2014

збор, два за вработувањата...

Не така одамна во медиумите беше пласирана вест дека изминативе седум години економските политики резултирале со отворање на, замислете, 119186 нови работни места. Се разбира, како и секој добронамерен граѓанин, ваквата вест ме израдува, меѓутоа и ме заинтригира. Имено, ако овој податок е точен, тогаш бројот на вработените во Република Македонија е зголемен за најмалку 28%. Јасно, ако тоа е така, тогаш не се потребни детални анализи за да се заклучи дека во нашата држава осетно е подобрена живеачката на нејзините граѓани, па затоа се чини дека поентата на вака пласираната информација е токму тоа. Меѓутоа, ако цврсто стоите на земјата по која одите и прошетате меѓу народот, јас тоа го направив изминативе месеци, ќе дојдете до поразителното сознание дека мнозинството граѓани на Македонија живеаат се потешко и потешко. Па каде е тогаш проблемот, во пласираната информација за 119186 нови работни места или во граѓаните? Се чини дека одговорот на поставеното прашање лежи во бројките и нивното толкување. Па затоа, ајде да ги погледнеме официјалните бројки кои ги соопштува Државниот завод за статистика (ДЗС).
Според податоците на ДЗС, ако се прифати дека под поимот "вработен" се подразбираат сите лица кои имаат заснован работен однос со деловниот субјект, без оглед дали работат на неопределено или на определено работно време, дали работат полно или покусо од полното работно време, во 2006 година имало вкупно 418192 вработени, за да според соопштението број 2.1.14.04 на ДЗС од 14.03.2014 година во четвртиот квартал од 2013 година според истото разбирање на поимот вработен во Република Македонија имало 495451 вработено лице, што е повеќе за 77259 лица. Оттука, намерно или ненамерно на јавноста и е презентиран податок дека бројот на отворените нови работни места е поголем за замислете 41927. Не треба да се биде многу умен за да се заклучи дека ваквото презентирање на податоци има за цел на јавноста нереално да и се прикажат резултатите од спроведените економски политики, но загрижува фактот дека според овој показател обидот за манипулација е неверојатни 35,18 %.
Вториот момент од пласираната информација е дека постигнатиот резултат од 119186 нови работни места се должи на успешните економски политики. Меѓутоа, ако подетално се анализира структурата на вработените по сектори на дејности во четвртиот квартал од 2013 година и истата се спореди со онаа од 2006 година, бројките даваат сосема поинаква слика. Имено, според податоците на ДЗС, во 2006 година во секторот на дејност Јавна управа и одбрана и задолжително социјално осигурување биле вработени 38526 лица, за да овој број во декември 2013 година се искачи на 45930 лица. Во секторот Дејности на здравствена и социјална заштита динамиката на зголемувањето на бројот на вработените е малку понормална, па така во овој сектор бројот на вработените од 33235 во 2006 година во декември 2013 година се зголемил на 38485 лица. Понатаму, во секторот образование во 2006 година биле вработени 31559 лица, а во декември 2013 година бројот на вработените во овој сектор се искачил на неверојатни 40184 лица. За нештата да бидат појасни, само да потсетиме дека и во двата случаја станува збор за лица кои имаат засновано работен однос на неопределено или определено работно време, па затоа ваквото драстично зголемување на бројот на вработените во образованието не се должи на корегирањето на долгогодишната неправда кон дел од наставниците кои без причина секој август одново конкурираа на работните места на кои со години работеа. Затоа, би требало неверојатното зголемување на бројот на вработените во секторот образование од 8625 вработен или 27,33% да се должи на зголемувањето на обемот на работа. Секако не! Имено, податоците во разгледуваниот период покажуваат дека и покрај воведувањето на деветгодишно основно образование, отворањето на бројни факултети и промовирањето на задолжително средно образование, сепак обемот на работа во образовниот систем, не само што не е зголемен, туку истиот изминативе години е драстично намален. Така, според подаоците од ДЗС со евидентни осцилации во изминативе четири години, период по отворањето на бројните факултети и дисперзирањето на студиите на постојните, просечниот број на студенти е 60832, при што во високото образование се вработени помалку од 3200 наставници и соработници. Според тоа, остатокот од приближно 37000 вработени се наоѓа во другите образовни потсистеми. За причините за ваквите состојби во некоја друга прилика, но овде ќе споменеме дека вкупниот број ученици во основното и средното образование од 332335 во учебната 2005/06 се намалил на 284470 во учебната 2012/13 година, т.е. за 47865 ученици, што значи опаѓање од 14,40%. Имајќи го предвид претходно кажаното, лесно може да се пресмета дека бројот на вработените во секторите трите разгледувани сектори се зголемил од 103320 во 2006 година на 124599 лица во декември 2013 година. Човек да се запраша, каква е таа весела математика со која учеството на наведените сектори од 24,72% во 2006 година се зголемило на 25,15% во декември 2013 година се прогласува за успешна економска политика. Ако им се верува на податоците на ДЗС, а јас им верувам бидејќи се по методологија усогласена со европските стандарди, друго прашање е како и зошто бројот на вработените во овие три сектори на дејност во 2013 година се зголемил за неверојатни 11676 лица, при што во истиот период вкупниот број на вработени се зголемил за само 21073 лица. Чекај, чекај! Тоа значи, дека 55,41% од новите вработувања во 2013 година се во образование, здравство, социјална заштита и јавна управа. Страшно нели, да пострашно не може да биде! Но, дали е само ова? Се чини дека не е. Имено, ако ги погледнеме податоците во секторите Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација и Снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и санација на околината забележуваме дека во 2006 година во овие сектори имало вкупно 15891 вработени, за да во 2013 година тој број се изнесува 19936 вработени, што е покачување за фрапантни 4045 лица или за 25,45%. Јасно, овој податок е загрижувачки сам по себе, но се чини дека уште позагрижувачки е тоа што во овие два сектора во 2012 година бројот на вработените изнесувал 16917, што значи дека изминатата година во овие сектори се вработени 3019 лица, односно за само една година имаме зголемување за фрапантни 17,89%. Се на се, ако се земе предвид дека овие два сектори во најголема мера ги алиментираат јавните претпријатија доаѓаме до поразителното сознание дека од вкупно 21073 нови вработувања во 2013 година, дури 14695 вработувања, односно 69,73% се во дејностите каде главно државата се јавува како работодавач.  Е, ако ова е осмислена и успешна економска политика и политика на вработува­ње, тогаш ми е јасно зошто кај нас се што душа ќе ти посака може да се прогласи за успешна приказна и како таква да и се сервира на јавноста.
Кога сме кај економските политики и нејзините резултати, а се со цел да не се јави некој нов гласноговорник со нова весела математика, добро е да се каже дека од 2009 година до јануари 2014 година, период кога засилено се реализираат прокламираните економски политики, просечната исплатена нето-плата по вработен пораснала од 19957 на 21327 денари, што претставува зголемување од незначителни 6,87%, во услови кога според COICOP во истиот период кумулативниот индекс на трошоците на живот изнесува 111,20%, односно дека трошоците на живот се зголемиле за 11,20%. Нема што, податок за пофалба.
Сега за сега толку за 119186 работни места и резултатите од економските политики. Но, да се надеваме дека некој ќе разбере дека не секоја математика е добра математика, а особено не е добра математиката која почива на погрешни бројки и која со ефтини трикови има намера да постигнува големи резултати, па макар тие биле и шпекулативни, што во случајов некој се обидува да го направи споредувајќи потполно различни класи податоци. Сепак, фактите се факти, а пред нив и боговите молчат, а ѓаволот ја симнува шапката. Нели!

Д-р Самоил Малчески, добар познавач на работите